26 илјади вакцини против грип пристигнале минатата недела во Словенија и се очекува утре, или најдоцна до понеделник, да бидат достапни во Македонија. Сите документарни процедури се завршени, информираше денеска министерот за здравство, Сашо Клековски.
Тој истакна дека сè уште има вакцини на располагање од првата набавка и дека сега процесот на вакцинација може да се забрза.
„Стигнавме до приближно 20.000 вакцинирани во изминатиот период. Ќе биде извесна набавката и на другите 30.000 вакцини против грип. Очекувам утре или в понеделник да донесеме одлука дали дел од вакцините ќе го направиме достапен за неризичните групи, бидејќи со крајната набавка на 30.000 вакцини ќе има 86.000 достапни вакцини. Досега никогаш повеќе од 80.000 не биле ставени на располагање, така што ќе направиме процена за одредени барања вакцините да бидат достапни и надвор од ризичните групи, приватно“, изјави Клековски.
