Државниот јавен обвинител Ненад Савески, во гостувањето во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, изрази задоволство од начинот на кој е избрана Искра Хаџи Василева за нова шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Според Савески, особено значајно е тоа што изборот бил спроведен преку демократски процес, во кој учествувале најголемиот дел од јавните обвинители.
„Она што ме прави задоволен е, пред сè, процесот во кој беше избрана јавната обвинителка. Тоа беше демократски процес, во кој правото на глас го искористија најголемиот дел од јавните обвинители. Мислам дека околу 90 проценти од обвинителите излегоа на изборите и го кажаа својот став преку гласање“, истакна Савески.
Тој нагласи дека поддршката што Хаџи Василева ја добила од своите колеги е важна за позицијата што ќе ја извршува.
„Колешката е избор на мнозинството јавни обвинители и тоа, секако, не може да не ми причинува задоволство, бидејќи на тоа место доаѓа јавен обвинител во кој верува мнозинството од јавните обвинители“, изјави Савески во „Клик Плус“ на ТВ21.
Савески во своето излагање го стави акцентот на легитимитетот што произлегува од поддршката на обвинителите и на демократскиот начин на избор на новата раководителка на Обвинителството.
