Димитриеска-Кочоска: Системски и одлучен пристап во борбата со сивата економија, државата треба да создаде правичност и еднакви правила за сите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска кажа дека само со системски пристап може да се бориме против сивата економија, и дека државата треба да создаде правичности и еднакви правила за сите.

„Бизнис-заедницата, меѓународните партнери, граѓанските организации, ми претставува особена чест да се обратам пред сите вас како клучни чинители во остварување на заедничката цел што нè обединува денес: формализирање на неформалната економија, а успехот на оваа цел зависи пред се од посветеноста и одлучноста на секоја институција, понатаму од координацијата, нивото на меѓусебна соработка и партнерство.

Неформалната економија e комплексен и повеќеслоен феномен со сериозни импликации врз долгорочниот економски раст и институционалната стабилност. Факт е дека неформалната економија постои секаде, но исто така е факт дека нивото на неформална економија секаде е различно. Токму тоа ниво на застапеност на неформалната економија е еден од клучните фактори што ги разликува економиите во светот. Ваквото ниво и директно влијае врз одлуките на потенцијалните инвеститори, но и врз тоа како државите меѓусебно се перципираат во однос на стабилноста, транспарентноста и конкурентноста на нивните економии. Кога се споменува неформалната економија, најчесто првата асоцијација се неформално вработените како и даночната евазија. Сепак неформалната економија е многу поширок феномен и може да се појави во различни сегменти на економската активност. Секогаш треба да имаме  предвид дека светот се движи многу брзо, живееме во време на брзи промени, иновациите постојано се создаваат нови производи, услуги и деловни модели кои, доколку не бидат навремено препознаени и регулирани, создаваат правен вакум, кој неретко ние економистите го препознаваме во сивата зона, Притоа,мора да се согласиме дека одредена тромост на институционалниот систем не е само во нашата земја туку и глобално во светот, што понекогаш не дозволува одредена активност веднаш да биде интегрирана во формалната зона. Колку помалку флексибилност и опции нудат законските решенија, толку повеќе се создава простор за појава на сива економија. Затоа, модерната и адаптибилна регулатива е клучен предуслов за намалување на неформалноста и за поттикнување одржлив економски развој.

Неформалната вработеност и нерегистрираното производство директно ја намалуваат продуктивноста и конкурентноста, ги ограничуваат буџетските приходи и ја поткопуваат одржливоста на јавните финансии. Тоа значи помалку средства за здравство, образование и социјална заштита, од една страна и од друга страна  создава нелојална конкуренција, неправда кон чесните компании и ја нарушува довербата во системот.

Да бидеме јасни дека нашата цел не е репресија, напротив нашата цел е формализација, правичност и создавање еднакви правила за сите. Ќе пристапиме системски и одлучно преку адресирање на нелојалната конкуренција, создавање фер и транспрентни услови за работа и обезбедување чесните компании да не бидат ставени во подредена позиција.  Формализација  која ќе ја поттикнеме преку поедноставени административни процедури, олеснет пристап до регистрација и јасни правила. Ќе ги охрабриме субјектите од неформалниот сектор да преминат во формалната економија преку поддршка, а не само преку санкции“, рече Димитриеска-Кочоска.