Претседателот на ЗНАМ Максим Димитриевски остава да види што ќе се случи во вторник кога, како што најави и премиерот Христијан Мицкоски ВМРО-ДПМНЕ на Извршен комитет ќе одлучува за имињата кои ќе бидат опфатени со реконструкцијата. Димитриевски, кој на денешниот настан на партијата дојде со двајцата министри, за јавна администрација Горан Минчев и за правда Игор Филков, рече дека е задоволен од нивната работа. Сепак не рече ништо што ќе се случи дали е за него прифатливо ЗНАМ да го отстапи ресорот правда во замена за земјоделие, иако тие инсистираат на внатрешни работи, финансии или одбрана.
„Значи се уште нема такви предлози на маса, така да не би сакал да шпекулирам. Кога разговарате во политиката сите опции се на маса, имате многу предлози, многу размислувања, индивидуални и партиски, но велам ајде да почекаме да се случи конечниот договор. Многу понуди се на маса, ќе изброиме до три, а потоа ќе пресечеме и конечниот епилог ќе го имаме во вторник“, порача Максим Димитриевски.
За СДСМ преговорите на ЗНАМ што ги води за реконструкцијата на Владата ја гледа како битка за фотелји и личен интерес.
„ЗНАМ повеќе не постои како здружение. Останати се само двајца – Горан Минчев и Максим Димитриевски, кои сега водат отворена битка за фотелји, бизниси и влијание. Ова е логичен крај на проектот што Христијан Мицкоски лично го создаде, финансираше и го користеше како политички сателит. Кога веќе не му е потребен, се однесува кон нив како газда кон непотребни слуги, ги фрла“, велат од СДСМ.
Според неофицијални информации премиерот Мицкоски планира да направи промени во ресорите, правда, култура, здравство, земјоделие, како и промена на ресорите меѓу коалициските партнери. Од редовите на ВЛЕН веќе подолг период се зборува за заминувањето на министерот за социјала Фатмир Лимани, како и министерот за здравство Азир Алиу кој вчера на прашањето дали ќе биде сменет рече дека за него функциите не се најважни. Со реконструкцијата на Владата се планира да има и одредени промени на ресорите меѓу коалициските партнери.
