Светот влегува во една нова фаза на електрификација, а побарувачката за електрична енергија вртоглаво ќе расте, кај нас за 26 проценти до 2040 година. Затоа сите актери во државата треба да преминат кон имплементација на важни инфраструктурни енергетски проекти кои ќе овозможат повеќе чиста енергија, бидејќи имаме капацитет, а и финансиите не се проблем. Ова се дел од заклучоците на Македонскиот енергетски форум кој неодамна се одржа во Скопје, а ги пренесе Директорот на ЗИП институт и на МЕФ, Агим Селами во емисијата Бизнис 21.
„Прашањето веќе е како тоа ќе го направиме, како ќе ги изградиме проектите, како ќе ги финансираме,како ќе ги модернизираме институциите, како ќе ги подготвиме луѓето бидејќи човечкиот капитал е најважен, најважна алка во енергетската транзиција. И со други зборови мислам дека веќе преминуваме од амбиција кон имплементација. Втора важна порака е дека енергетската безбедност и климатската политка повеќе не се одвоени како тема“, вели Агим Селами.
Како мала држава ние имаме сериозен напредок кон енергетската транзиција и земјава е најамбициозна од регионот на Западен Балкан. Најважни се сега интерконекторите и зајакнување на капацвитетот на нашата мрежа- посочи Олимпија Христова Заевска,експерт за зелени финансии.
„Македонија, мораме да нагласиме дека веќе беше дел од една сериозна транзиција кон обновливи извори на енергија. Па така ние ако во 2020 имаме некои 30 мегавати инсталиран капацитет соларна енергија, веќе 2025 имаме околу 1.200. Значи тоа е огромен раст, тоа е веќе над 3.000 проценти раст, така што тоа е и го имаше вкупно инсталирано повеќе од сите заедно шест во 2024. Така што од тој аспект доста сме напред во смисла на тоа дека ја видовме потребата од обновливи извори на енергија“, вели Олимпија Христова Заевска.
И двајцата гости се сложни дека недостасува административен капацитет за вакви инвестиции.
„Мислам дека уште ни недостасува админситративен капацитет за да ги апсорбираме тие средства и недостасуваат доволно обучени кадри кои што би работеле на таквите проекти. Тука зборувам за инженери, зборувам за планери, за луѓе кои што се од таа бранша. И без така еден обучен човечки капитал мислам дека сите проекти не би можеле да се имплементираат и спроведуваат на начин како што треба“, вели Агим Селами.
„Потреба од подобар капацитет за проектирање на вакви инвестиции и самите она што викаме клучни институции кои се дел од тој процес треба многу побрзо да се, да се пореспонзивни и администрацијата нормално да си ја свати таа улога многу посериозно. Така што паѓаат би рекла на некои, ајде да кажеме, банални ако може да ги кажаме грешки, но кога тоа ќе го соберете станува сериозно. А капиталот јас дефинитивно ќе кажам дека е тука, бидејќи инвеститорите чекаат вакви инвестиции“, вели Олимпија Христова Заевска.
Според нив недостасува и поголема информираност на граѓаните за придобивките од енергетската транзиција.
