Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, денеска ги образложи предлог измените и дополнувањата на Буџетот за 202 година. Кочоска истакна дека со овие измени и дополнувања се потврдува заложбата на Министерството и Владата за економска стабилност, развој и одговорно управување со јавните финансии и воедно претставува продолжување на насоката што веќе дава резултати, а тоа се позитивните трендови во економијата.
„Најважно и клучно е дека измените и дополнувањата на Буџетот за 2026 година што денеска го претставувам пред вас и јавноста не произлегуваат од недостиг на приходи или од нарушена ликвидност на Буџетот. Напротив. Овој ребаланс е резултат на потребата да ги усогласиме буџетските проекции со новите економски услови, да обезбедиме дополнителни средства за законските обврски што значат редовна и во целост исплата на платите во секторите каде што обезбедивме раст, повеќе средства за дополнителна поддршка за земјоделството, повеќе средства за социјална заштита и за општините и, она што има најважна карактеристика овој Ребаланс е обезбедувањето дополнителни средства за забрзување на инвестицискиот циклус во инфраструктурата“, рече министерката.
Таа потсети дека измените и дополнувањата се носат во период на глобална неизвесност и дека надворешните геополитички случувања се одразија на економските текови и влијаеја на извршувањето на Буџетот за 2026 година, а од таа причина со предложените измени и дополнувања на Буџетот за 2026 година се прави прилагодување на макроекономските претпоставки и фискалните проекции, пред сè на расходната страна на Буџетот.
„Ребалансот на Буџетот не претставува само техничка измена на бројки, зад тоа стојат политики коишто Владата ги насочува кон поддршка на економијата и граѓаните. Тој претставува одговор на променетите економски околности, инструмент преку кој Владата ги усогласува јавните финансии со реалните потреби на економијата, институциите, стопанството и граѓаните. А особено во услови кога светската економија се соочува со зголемена неизвесност, наша должност е навремено да реагираме, да ги препознаеме ризиците, но истовремено да ги искористиме можностите што се отвораат“, наведе министерката при тоа потсети на мерките што беа преземени со цел да се заштити животниот стандард на граѓаните и ликвидноста на компаниите.
Министерката истакна дека со ребалансот се останува на политиката на навремена исплата на сите законски обврски, дисциплинирано управување со јавните средства и приоритетно финансирање на развојните политики.
Со предложениот Ребаланс на Буџетот, вкупните приходи се ревидираат на ниво од 379,5 милијарди денари. На приходната страна, даночните приходи остануваат речиси на првично планираното ниво и се проектирани на 213,2 милијарди денари. Неданочните приходи бележат значително подобрување и се зголемуваат за околу 2 милијарди денари, додека донациите бележат пораст од околу 2,7 милијарди денари.
