Димитров: Македонија нема лускуз за чекање, Османи следна недела чека средба со новиот шеф на Бугарското МНР

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на вториот ден од економскиот форум Делфи во Атина на панел дискусија со еврокомесарот Оливер Вархеи. Димитров истакна дека почетокот на преговорите на Македонија е тест за Европската унија која трае предолго и смета дека техничката влада не смее да биде пречка за продолжување на преговорите со Бугарија. Мислам дека после ова немаме луксуз да кажеме дека ќе чекаме, рече Димитров.

„Влогот на Европската унија е голем бидејќи ветувањето беше дадено и доколку не се одржи ветувањето тоа испраќа многу негативна порака. Мислам дека после сето ова немаме луксуз едноставно да кажеме дека ќе чекаме“, рече вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров.

Иако само пред само неколку недели еврокомесарот Вархеи ја изнесе идејата за разделување на преговарачкиот пакет на Македонија и Албанија, тој на излагањето на форумот Делфи рече дека таа опција не е во игра. Тој рече дека е среќен што земјите членки на Унијата оцениле дека и двете земји треба да ги почнат преговорите, но нагласи дека за тоа треба да има согласност од сите.

„Се надевам дека во јуни ќе можеме да имаме согласност за двете земји. Но треба да знаете дека е потребно сите земји да се согласат. На тоа работиме во моментов, да добиеме согласност од сите членки за двете земји“, посочи еврокомесарот, Оливер Вархеи.

И додека трае форумот во Атина, министерот за надворешни работи Бујар Османи имаше средба со главниот преговарач со Европската унија на Албанија Зеф Мази.

„Зачленувањето на нашите земји, во случајот на Албанија, не треба да се прекине, тој треба да се забрза, како за Албанија, така и за Северна Македонија, да нема повеќе задоцнувања. Задоцнувањата, практично не прават сите губитници“, истакна преговрачот со ЕУ на Албанија, Зеф Мази.

„Претстојните летни самити на Европската унија претставуваат неповторлива шанса за тоа што Европската унија на дело ќе ја покаже кредибилноста на процесот на проширување и со тоа ќе ја зачува европската идеја како главен мотор на позитивни промени во регионот“, изјави Бујар Османи.

Османи информираше и дека му испратил и честитка на новиот министер за надворешни работи од техничката влада на Бугарија со цел што поскоро да има средба на Меѓувладината комисија за дополнителна динамика на соработка меѓу двете земји. Рече дека очекува веќе наредната недела да има состаноци и разговори за отворените прашања што ги наметна Бугарија.