Димитров: Ниту една потрошувачка кошница не може да биде реална – има луѓе кои возат Југо а имаат куќа на три ката, а некои со станче од 50 квадрати имаат Мерцедес

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во дебатата на ТВ21, претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи, Ангел Димитров, изнесе контроверзни ставови околу минималната плата и потрошувачката кошница, нагласувајќи дека човечките потреби се „релативна работа“.

Димитров направи споредба меѓу работниците и пензионерите, посочувајќи дека и оние со најниски примања успеваат да преживеат. Според него, сумата од 24.400 денари ретко кој ја зема како чист износ бидејќи во неа влегува и минатиот труд, а дел од работниците имаат и дополнителни приходи.

„Може да имате и 1.000 евра, па пак да ви бидат малку. Може да имате малку, а да имате нормален живот и да знаете да се радувате на малите работи“, истакна Димитров во емисијата „Бизнис 21“.

Тој упати критика кон пресметките на синдикалната потрошувачка кошница, особено во делот на предвидените средства за одмор. Според него, никој не може со закон да одреди дека некој мора да оди на одмор во Охрид или Дојран.

„Тоа е прашање на лични приоритети. Има луѓе што никогаш не отишле на одмор иако имале можност, бидејќи решиле да купат нов фрижидер или да ја сменат спалната соба“, додаде тој.

Димитров го илустрираше својот став за релативноста на стандардот преку примери за тоа како граѓаните ги трошат своите пари:

„Некои возат „југо 45“, а изградиле куќи на три ката. Други живеат во станчиња од 15 квадрати, но возат „мерцедес“.Не можеме ние да правиме правила за животот на луѓето, како тие живеат и што им е битно“, заклучи Димитров, нагласувајќи дека економските правила не можат секогаш да се сообразат со индивидуалните желби и приоритети.