Аеродромот во Скопје доби нови безбедносни скенери – патниците повеќе нема да мора да ги вадат електронските уреди од багажот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Аеродромот во Скопје пушти во употреба два нови безбедносни скенери со компјутерска томографија, во вредност од околу еден милион евра. Според генералниот директор на ТАВ, Неџат Курт, со оваа инвестиција скопскиот аеродром станува првиот на Балканот што располага со ваква технологија, со што значително се зголемува безбедноста на патниците и се забрзува процесот на контрола на багажот. Тој додаде дека патниците при безбедносната контрола повеќе нема да имаат потреба да ги вадат лаптопите, таблетите и мобилните телефони од своите торби. Заменик-министерката за транспорт, Калтрина Зеколи-Шаќири, изјави дека соработката со ТАВ овозможила инвестиции во вредност од околу 50 милиони евра во голем број проекти. Таа ја нагласи важноста од континуираната модернизација, реконструкција и проширување на Охридскиот аеродром.

„Сакаме да го отстраниме стресот кај патниците. Пред сè, сакаме да се чувствуваат безбедно. Исто така, сакаме да го подобриме нивното искуство, така што безбедносната контрола ќе биде побрза. Повеќе нема да има потреба да ги вадите лаптопите од торбите – тие можат да останат внатре, а целиот процес ќе биде побрз и без стрес.“, рече Неџат Курт, генерален директор на ТАВ.

„Оваа инвестиција е вредна околу еден милион евра и е едиствена во регионот, значи во Балканот. Со ТАВ Македонија имаме одлична соработка како Министерство. Досега имаме донација од околу 50 милиони евра и 97 проекти веќе се реализираат во целата држава“, изјави заменик-министерката за транспорт Калтрина Зеколи-Шаќири.