Заменик-министерот за надворешни работи Зоран Димитровски оцени дека однесувањето на Бугарија во однос на блокирањето на одредени иницијативи претставува порака дека без уставни измени нема да има напредок во процесите поврзани со Европската Унија.
Тој во емисијата Click Plus на ТВ21 истакна дека ваквиот пристап се рефлектира и пошироко, при што, како што рече, се создава впечаток дека Софија е подготвена да го користи правото на вето во различни меѓународни контексти, дури и надвор од формалниот процес на пристапување.
„Сметам дека станува збор за реакција и одредена фрустрација од страна на Софија во однос на развојот на настаните во изминатите две години, кога нашата дипломатија успеа појасно да ја претстави позицијата дека членството во ЕУ не смее да биде условено со промена на историски и идентитетски прашања“, изјави Димитровски.
Тој нагласи дека прашањата поврзани со историјата и идентитетот се комплексни и бараат долг временски период за усогласување, посочувајќи дека работата на заедничките комисии може да трае со децении.
Дополнително, Димитровски го отвори и прашањето за регистрација на македонските здруженија во Бугарија, оценувајќи дека станува збор за бенигни процеси преку кои може да се демонстрира политичка волја.
„Сите овие процеси можат да се одвиваат паралелно и не мора да бидат меѓусебно условени. Потребен е конструктивен пристап од двете страни за да се надминат разликите и да се обезбеди напредок“, порача Димитровски.
