Македонија не се соочува со вето од Бугарија само поради уставните измени туку и сите барања, кои се дел од работата на Историската комисија и кои задираат во идентитетскиот карактер на земјава, кои можат да бидат прашања поради кои официјална Софија е подготвена и натаму да не блокира на европскиот пат. Ова во емисијата Клик плус на ТВ21 го истакна заменик министерот за надворешни работи Зоран Димитровски кој притоа потсети дека токму известувачот за Македонија и европратеник Томас Вајц преку амандманот бара појаснување околу тоа.
„Повеќе европски официјални личности меѓу кои и господинот Кошта, министерот за надворешни работи на Белгија, еве ако сакате и европратеникот Вајц кој што меѓу другото има амандман, барање да се разјасни на правен начин, правната служба во Европската комисија да разјасни дали тие идентитетски и билатерални прашања со идентитетски карактер и историски може да бидат предмет на вето на Софија, а Софија тоа постојано го потврдува“, порача Зоран Димитровски.
Сепак, Димитровски истакнува дека македонската Влада е насочена кон воспоставување стабилен и директен дијалог со Бугарија. Во тој контекст останува прашањето и како тоа ќе се одвива со новата бугарска Влада каде иден премиер треба да биде Румен Радев, кој всушност и беше креаторот на бугарското вето кон Македонија.
„Тој својата реторика постојано ја насочува во тој правец не само на уставните измени туку на заштита на правата на Бугарите, она што го правиме во последниот период со Акцискиот план за етничките заедници, значи под 20% што го направивме со помош на европски експерти кои што ни се фактички на некој начин препорачани од Европската комисија, експерти на Советот на Европа направивме навистина еден текст кој што ги содржи сите мерки и во контекст на антидискриминација и во контекст на едукација и така натаму на правата на малцинствата“, вели Зоран Димитровски.
На последните избори во Бугарија победата ја однесе поранешниот претседател Румен Радев со неговата коалиција „Прогресивна Бугарија“. Тој најави дека ќе ја преземе премиерската функција и дека ќе оформи влада до 15 мај.
