Димитровски: Спорните протоколи во преговарачката рамка ја кочат европската перспектива

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Заменик-министерот за надворешни работи Зоран Димитровски во емисијата Click Plus на ТВ21 оцени дека дел од протоколите поврзани со преговарачката рамка за членство во Европската Унија не поминале низ Собранието на Република Северна Македонија и биле вклучени во процесот без доволна институционална дебата.

Според него, токму тие елементи денес создаваат сериозни предизвици и ја ставаат државата во позиција да бара излез од, како што вели, комплексна ситуација.

Димитровски посочи дека повеќе европски претставници, меѓу кои и Оливер Кошта, како и претставници од Белгија и европратеникот Томас Вајц, иницирале прашања за правно разјаснување на овие дилеми.

Во фокусот, како што нагласи, е потребата Европската комисија да утврди дали билатерални и идентитетски прашања може да бидат основа за вето во пристапниот процес.

Од друга страна, Софија, според него, останува на ставот дека покрај уставните измени и правата на Бугарите, треба да се исполнат и барањата произлезени од работата на историската комисија.

„Доколку ваквите прашања останат како основ за блокада, постои реален ризик процесот на пристапување да се пролонгира на неопределено време“, предупреди Димитровски.

Тој додаде дека земјата веќе предолго преговара и дека е неопходно да се обезбеди појасна и предвидлива рамка за продолжување на евроинтегративниот процес.