Директорката на Клиниката за кожни болести со коронавирус – се вратила од Италија, а 5 дена редовно одела на работа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Уште еден потврден случај на коронаворус во земјава. Со ова, бројот на заразените се искачи на 4. Министерот за здравство, Венко Филипче со големо разочарување ја соопшти веста дека овојпат станува збор за медицинско лице, односно за директорката на Клиниката за кожни болести, Нина Цаца Биљановска, која пред една недела допатувала од Италија и пет дена редовно одела на работа.

И покрај тоа што за две недела беа регистрирани 4 случаи на коронавирус, границите нема да се затворат, но поради последниот случај, под клуч ќе се стави Клиниката за кожни болести. Целиот медицински персонал и пациентите ќе бидат во домашна изолација. Министерот Филипче изрази длабоко разочарување што граѓаните не се придржуваат до препораките и превентивните мерки за автоизолација по пристигнување од ризичен регион. 

Поради тоа што директорката откако се вратила од Италија продолжила со работа, Кривичниот законик, односно Членот 205 за пренесување заразна болест предвидува казна затвор од три години како кривично дело против човековото здравје.  

„Тој што со кршење на прописи или наредби со кои надлежен орган определува прегледи, дезинфекција, издвојување на болни или некои други мерки за сузбивање или спречување на заразни болести кај луѓето или со вработување или држење на лице кое боледува од заразна болест со вршење на полово дејствие или на друг начин, предизвика пренесување на заразна болест, ќе се казни со парична казна или со затвор до три година“, вели член 205 од кривичен законик.

По овој случај реагираа голем број лекари кои побараа разрешување на директорката, меѓу кои и претседателот на Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти, Ненад Лазаров. Тој на неговиот Фејсбук профил напиша дека случајот не го пријавила самата директорка, која в сабота одржала симпозиум со 100 дерматолози, туку вработените на Клиниката. Инаку, состојбата на заразените со коронавирус, вклучувајќи ја и директорката Биљановска, е стабилна. Во Дебар 8 лекари кои беа во контакт со заразената брачна двојка, се во домашна изолација. Во текот на денот се очекува да се дознае дали имало организирани тури по повод 8 Март, и доколку има кога се очекува да се вратат.