Зелената транзиција во Македонија не е процес што ги засега само државните институции и енергетските компании, туку треба да ги вклучи и граѓаните, кои треба да станат активни учесници во производството и користењето на чистата енергија. Ова го истакна Олимпија Христова Заевска, експерт за зелени финансии, во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21.
Таа објасни дека најголемите јавни енергетски компании веќе се наоѓаат во процес на трансформација. Според неа, ЕСМ, како најголем производител на електрична енергија во земјата, постепено преминува од производство базирано на јаглен кон обновливи извори на енергија.
„Тоа значи целосна промена на начинот на работа – управување со фотоволтаични и ветерни електрани, како и со батериски системи за складирање на енергијата. Истовремено, потребна е преквалификација и доквалификација на илјадници вработени кои денес работат во термоелектраните“, рече Христова Заевска.
Таа нагласи дека и МЕПСО има клучна улога во процесот преку модернизација и зајакнување на електропреносната мрежа, која треба да одговори на сè поголемиот број нови капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори.
Освен јавниот сектор, според Христова Заевска, значајна трансформација ги очекува и компаниите, особено оние кои извезуваат на пазарот на Европската Унија.
„Со новите европски правила за јаглеродните емисии, компаниите ќе мора да докажат дека производството се базира на чиста енергија. Во спротивно, ќе се соочат со дополнителни трошоци, што директно ќе влијае врз нивната конкурентност“, истакна таа.
Таа оцени дека голем предизвик претстои и за малите и средните претпријатија, кои ќе треба да инвестираат во сопствени фотоволтаични системи, батериски капацитети и други технологии што ќе им овозможат поефикасно и поодржливо работење.
Најголемиот предизвик, според Христова Заевска, сепак останува вклучувањето на граѓаните во енергетската транзиција.
„Целта е граѓаните да станат таканаречени ‘просјумери’ – истовремено производители и потрошувачи на електрична енергија, со можност вишокот произведена енергија да го пласираат во мрежата и од тоа да остварат финансиска корист“, рече таа.
Таа потсети дека според последните податоци на Регулаторната комисија за енергетика, во земјата функционираат околу 1.458 фотоволтаични електрани, од кои најголемиот дел се во сопственост на приватни компании.
Христова Заевска оцени дека новиот Закон за енергетика создава добра основа за развој на енергетските заедници, но додаде дека во наредниот период ќе биде неопходно дополнително да се развијат моделите преку кои домаќинствата ќе можат заеднички да инвестираат во производство и споделување на електрична енергија.
„Државата треба да го поттикне развојот на агрегаторите на електрична енергија и да создаде услови што повеќе граѓани директно да ги почувствуваат придобивките од зелената транзиција“, заклучи Христова Заевска.
