Албанија: Директорката на ШИШ ставена во домашен притвор во рамки на истрагата за АКШИ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Албанската разузнавачка служба ШИШ е во центарот на голема истрага на Специјалното обвинителство за корупција и организиран криминал – СПАК, откако директорката Влора Хисени е ставена во домашен притвор и суспендирана од функцијата.

Мерката е изречена со одлука на Специјалниот суд против корупција и организиран криминал, на барање на СПАК, а е поврзана со истрагата за Националната агенција за информатичко општество – АКШИ.

Во рамки на истата операција, истражителите извршиле претрес во домот на поранешниот директор на албанската државна полиција Илир Прода. При претресот, според албанските медиуми, биле одземени телефон, лаптоп и повеќе УСБ-уреди и ЦД-а.

СПАК спроведува активности и на други локации поврзани со лица опфатени со истрагата. Случајот се однесува на АКШИ, институција која управува со значаен дел од дигиталната инфраструктура и електронските услуги во Албанија.

Истрагата за АКШИ подолг период е во фокусот на СПАК и опфаќа сомневања поврзани со работењето на агенцијата и постапките за јавни набавки. Во рамки на предметот и претходно беа преземани мерки против повеќе лица.

Хисени е директорка на ШИШ од 2023 година. Пред да биде назначена на функцијата во Албанија, таа извршувала високи позиции во безбедносниот сектор на Косово, вклучително и заменик-директор на Косовската разузнавачка агенција.

Во овој момент нема целосно официјално соопштение од СПАК со детално образложение на сомневањата што се однесуваат на Хисени и Прода. Албанските медиуми известуваат за текот на операцијата и истрагата, но нивната евентуална кривична одговорност не е утврдена и не треба да се прејудицира.