Директорот на Геријатрија барал 100.000 евра – Мухсин Арифи предложил пациентот да го продаде станот!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

В.д директорот на Специјализираната болница за геријатрија Мухсин Арифи барал 100 илјади евра за да прими пациент во болницата за кој знаел дека е материјално добро ситуиран. Тој вчера беше уапсен за примање мито од 20 илјади евра, но всушност тоа биле само дел од средствата што семејството требало да му ги даде.

Арифи неколку пати директно побарал пари од сведокот во случајот кој бил давател на доживотна издршка за лицето кое било тешко болно а состојбата се влошувала при што во една прилика им предложил и да го продадат станот на болното лице и да му исплатат 100 илјади евра. Јавното обвинителство бара притвор за двајцата осомничени

„На средбата, првоосомничениот лично кажал дека знае оти пациентот е материјално добро ситуиран, за што имал податоци и за недвижниот имот кој го поседува,  па ветил помош за сместување ако биде награден со 100.000 евра. Жената-сведок реагирала дека тоа се многу пари, на што директорот предложил до бараната сума да се дојде преку продажба на недвижниот имот – стан кој го поседувал пациентот, што не било опција бидејќи станот бил опфатен со договор за доживотна издршка“, вели ОЈО.

Неколку дена подоцна жената која барала сместување за пациентот добила повик од второосомничениот во случајот, кој посредувал во примањето поткуп, а потоа имала средба со него и со директорот Арифи.

„Било договорено сведокот да даде 20.000 евра како гаранција за да го смести пациентот во болницата, а доколку првоосомничениот „со проверки“ утврди дека пациентот има и дополнителен недвижен имот тој имот да се продаде за да се обезбеди вкупно побараниот износ од 100.000 евра. Согласно овој договор, на 08.04.2025 година жената-сведок се сретнала со второосомничениот, кој влегол во нејзиното возило и во име на директорот директно примил износ од 20.000 евра, по што на лице место бил фатен од страна на полициските службеници“, велат од МВР.

Арифи претходно беше директор на Психијатриската болница во Бардовци, а беше поставен на позицијата вд директор на Геријатрија како кадар од Алијанса за Албанците на Арбен Таравари.

Вчера и министерот Таравари ги повика надлежните државни органи во брза и ефикасна постапка да го расчистат случајот. Секој кој се огрешил пред законите мора да понесе одговорност без разлика на етничка, верска или политичка припадност, порача Таравари преку соопштение.