Дислокација на тетовската библиотека, продолжува судирот меѓу МОН и директорката

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Продолжува судирот меѓу Министерството за култура и тетовската библиотека за просториите на Библиотеката, која со одлука на Владата мора да ги препушти сегашните простории за потребите на канцеларијата на ЕУ. Од тетовската библиотека велат дека просториите каде треба да бидат преместени не ги исполнуваат ниту минималните услови и дека бараат инвестиции и реновирање. Според нив, минатата недела ги посетиле претставници од Министерството за култура, кои ги виделе просториите и ветиле дека ќе ги поправат.

-По долг разговор ги прегледаа деловите каде што треба да се преселиме, ги видоа просториите и тој ден се договоривме овие простории каде што треба да се преселиме да се реновираат, да станат соодветни за Библиотека. Министерството се обврза овие делови каде што треба да се преселиме да се реновираат, да бидат употребливи за Библиотеката, плус освен овој простор ќе имаме и дополнителни простории, тоа што го бараме цело време-вели Махи Муртезани, вработен во библиотеката.

А министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска вели дека по увидот дошле до заклучок библиотеката да се пресели една врата подалеку, во истата зграда, каде дополнително ќе добие 80-100 квадрати за книгите. Стојчевска уверува дека просторот ќе се реновира и модернизира. Таа ја обвинува директорката на библиотеката за манипулација.

На ова реагираше директорката на библиотеката. Зборовите на министерката ги нарече клевета и дека манипулира со фактите. Според Резарта Исмаили, библиотеката на ниту еден начин не била поврзана или дејствувала на политичка основа, туку само во рамки на културата.

-Всушност сегашните простории се 158м2, додека просторите што треба да се дислоцира 162м2, од кои 13м2 се ходници и скали, т.е. тоа не е просторно ефикасно. Тоа значи дека просторот зафаќа 149м2, за некои 9м2 помалку од сегашниот простор. Реакциите против дислокацијата беа едногласни од сите работници, советот и јас како директор, а беа мотивирани од аспект на заштита на условите за работа и услугата што им се дава на читателите-рече Исмаили.

Директорката Исмаили додава и дека не е точно дека од почетокот имало тим кој се договорил за дислокација и соработувал на овој план.