Во врска со појавата на бела отпадна пена во реката Вардар кај вливот на Лепенец, регистрирана на 24 јули, Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) соопшти дека веднаш биле преземени вонредни инспекциски и лабораториски активности во координација со сите надлежни институции.
Инспекторите извршиле вонредни надзори кај индустриските капацитети во зоната кои се под државна надлежност, при што не биле констатирани законски нерегуларности. Според ДИЖС, сите контролирани субјекти постапувале согласно условите утврдени во нивните еколошки дозволи за управување со отпадните води.
Од Инспекторатот посочуваат дека квалитетот на водата во овој дел од Вардар е под влијание на повеќе фактори, меѓу кои комуналните и атмосферските води, како и активностите на бројни деловни субјекти во околината, поради што институциите дејствуваат координирано.
Во меѓувреме, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје земало мостри од водата на спорната локација и до Министерството за животна средина и просторно планирање доставило прелиминарен извештај. Според анализите, физичко-хемиските параметри на примерокот не ги надминуваат дозволените гранични вредности за испуштање во површински води.
Дополнително, по барање на ДИЖС, мостри се земени и од акредитирана лабораторија. Финалниот извештај се очекува да биде доставен на 4 август, по што, како што најавуваат надлежните, јавноста ќе биде навремено и транспарентно информирана за конечните резултати.
Од Државниот инспекторат за животна средина нагласуваат дека и во наредниот период ќе продолжат со редовни и вонредни инспекциски контроли со цел заштита на животната средина и здравјето на граѓаните.
