ДКСК: Законот за Коридорите е неуставен – и покрај барањето на ДКСК, Пендаровски го потпиша законот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Специјалниот закон кој беше усвоен од Собранието, а со кој се овозможува набавките за изградбата на Коридорите 8 и 10 да се вршат без тендер предизвика реакции во јавноста. Практично со ова власта ќе склучува договори со компанијата Бехтел и Енка, без притоа да се објавуваат тендери. Антикорупциска комисија смета дека законот е противуставен и затоа најавуваат дека ќе ги искористи сите можности за да се оспори овој закон. Најпрво побараа претседателот на државата Стево Пендаровски да не го потпише указот на законот, но доколку го потпише велат ќе го оспорат пред Уставен суд.

„Ние ќе ги користиме сите алатки кои што ни се овозможени во системот и ќе ги употребиме во ваков случај. Одиме чекор по чекор. Да го дадеме на Уставен веќе треба да имаме закон во функција потпишан од претседателот. Одиме чекор по чекор, планиравме да го дадеме мислењето до Собрание меѓутоа тие веќе го донесоа што значи дека нашиот натамошен чекор е претседателот на државата“, истакна Билјана Ивановска.

Но и покрај ваквото барање на Антикорупциска од Кабинетот на шефот на државата во меѓувреме стигна информација дека Пендаровски го потпишал законот.

„Законот е донесен со потребното мнозинство и притоа ниту еден пратеник, или пратеничка група не гласале против. Сите институции и поединци кои имаат сомневања во однос на уставноста на Законот, можат да се обратат до Уставниот суд кој е единствена надлежна институција за оценка на уставноста на законите и другите општи акти“, велат од Кабинетот на Претседателот.

Ивановска дури оцени дека ваквото носењето на законот, како што рече, е сплеткарење додавајќи дека нема јавен интерес тој да биде изгласан така како што беше, во брза постапка. Уште почудно за неа е што е избран едногласно без ниту еден глас против. Можна ли е одговорност за тоа што договорот ќе биде потпишан во четири очи со компанијата Бехтел и Енка со покритие дека е формално по барање на Собранието.

„Знаете вие дека нема колективна одговорност мислам дека одговорот сами си го дадовте. Нема јавен интерес каде што има вакви политички фискултури, мудрости, не знам како да ги наречам овие сплеткарења. Значи тука нема јавен интерес“, посочи Билјана Ивановска.

Ни се повторува ли уште еднаш случајот со Синохидро од владата на Никола Груевски кога договорите се склучуваа во четири очи?

„Поминаа веќе 7 години од тој договор во четири очи со Синохидро и со донесе закон со ист принцип и сите знаеме колкава беше причинета штетата и остана уште неразјаснето, па сега се продолжува исто во четири очи“, порача Нури Бајрами.

Овој закон се однесува за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за изградба на делниците Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан, како и на делницата од автопатот Прилеп – Битола од Коридорот 10.