Муцунски на форум во Дубровник: „Постепената интеграција како мост во ЕУ, а не трајна чекална“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Актуелните иницијативи за постепена интеграција на земјите кандидати во Европската унија беше главниот фокус на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на обраќањето на панел дискусијата што се одржа во Дубровник „ЕУ и Западен Балкан, заедничко решавање на недовршените работи“ на покана на хрватскиот колега Гордан Грлиќ Радман. Тој оцени дека ваквите иницијативи можат да бидат значајна алатка доколку претставуваат мост кон полноправно членство.

-Доколку овој нов модел на постепена интеграција, тоа треба да се имплементира се надевам, е мост кон полноправно членство, и тоа е пораката што ја добивме од сите, тогаш ќе биде исклучително корисен модел. Она на што треба да внимаваме е тој да не стане алатка која ќе создаде трајна чекална без врата кон целосно членство, вели министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.

Муцунски се осврна и на односите со Бугарија, оценувајќи дека со новата бугарска влада постои можност за разговори за отворените прашања. За уставните измени рече дека тие не се единственото барање на Бугарија и дека доколку тие се исполнат ќе следат и други. Нашата намера, истакна Муцунски, не е само да ги почнеме преговорите и потоа да се најдеме во истата позиција како и сега туку да ги завршиме врз основа на Копенхашките критериуми.

-26 земји членки и ЕУ-институции ни велат – имате два основни критериуми. Прво уставните измени и второ таканаречено отворање на одредници. Една земја членка вели, покрај тоа, европскиот консензус е исто така сет на други договори кои очигледно постојат меѓу двете земји, вклучувајќи ги меѓу другото ревизија на нашата национална историја и области како интервенција во домашните медиумски работи на земјава како и други прашања исто така, вели министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.

Муцунски во своето обраќање упати повик до земјите членки на Европската унија за уште поактивна поддршка на европската интеграција на регионот и порача дека е потребен заеднички напор за искористување на актуелната историска можност.