13 ден од почетокот на пописот на терен. Од 5 септември до денеска немало ниеден инцидент, а проблемот со апликацијата и хакерските напади сега е решен, тврди заменик директорот на ДЗС, Иљми Селами, додавајќи дека процесот тече на најдобар можен начин, а дневно се попишуваат во просек по 100 илјади граѓани.
„Нема некој голем инцидент и нè радува тоа што граѓаните љубезно ги примаат попишувачите во своите домови. Пописот тече токму така како што му приличи на едно цивилизирано и демократско општество.“, вели Селами.
Селами апелира граѓаните да не потпаѓаат на шпекулации со бројки, бидејќи никој не ги знае податоците кои се наоѓаат во серверот на Заводот за попишаните граѓани.
„Сега само кога се спроведува пописот на терен може да се појават многу шпекулации. Пред неколку дена имаше божем еден амбасадор на Бугарија кој пријавил дека само 73 Бугари се пријавиле до сега на пописот. Овие податоци никој не може да ги извади од системот за попис.“, рече Селами.
Според официјалните податоци до вчера до 20 часот се попишале 800.008 граѓани, 249.500 домаќинства и 336.109 станови. Директорот на ДЗС, Апостол Симовски од Дебар изјави дека до утре очекува бројот да достигне 1 милион. Можноста за самопопишување до сега ја искористиле 193.168 граѓани од дијаспората. Пописот на населението, домаќинствата и становите почна на 5 септември а завршува на 30 септември.
