Различните толкувања околу тоа дали е конституиран парламентот и дали течат роковите во кој досегашниот претседателот на Собранието Талат Џафери треба да го извести шефот на државата Стево Пендаровски дека е формирано парламентарно мнозинство и натаму се отворени. Џафери за ТВ21 изјави дека конститутивната седница е прекината и со тоа не е формирано Собранието, а дека неговата улога сега е како претседавач.
„Не може без избран нов претседател на Собранието да се смета дека парламентот е конституиран. Ова значи дека се уште нема кој да го информира шефот на државата за тоа дека е формирано ново парламентарно мнозинство и роковите затоа се уште не се почнати“, истакна Талат Џафери.
На ваквата изјава се огласија од Кабинетот на шефот на државата. Оттаму велат дека согласно уставните одредби во член 90, рокот за доделување мандат е 10 дена од конституирањето на Собранието. Претседателот го очекува дописот од претседавачот Талат Џафери со кој ќе информира дека Собранието е конституирано со верификација на мандатите на 4 август годинава, велат од Кабинетот на претседателот Пендаровски.
„Со денот на верификација на мандатите на пратениците се смета дека Собранието е конституирано. Без разлика на дописот, согласно уставните норми, роковите за доделување на мандатот на кандидатот на партијата или партиите кои имаат мнозинство во Собранието течат од 5 август 2020 година“, велат од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.
За универзитетскиот професор Јетон Шасивари нема никаква дилема дека парламентот се уште не е конституиран, бидејќи се уште не е избран негов претседател.
„Треба да се анализира и според деловникот на собранието, овој деловник во 2 поглавје конкретно го регулира конституирањето на парламентот, како процедурална целина, во три фази, на 4 август се заврши првата фаза, првата конститутивна седница и верификувањето на мандатот на пратениците, но остана недовршена втората фаза, значи избор на комисијата за избор и именувања, а особено третата фаза за избор на претседател на парламентот“, посочи Јетон Шасивари.
Шасивари додава и дека без да заврши во целост првата седница не може да се смета дека парламентот е конституиран. Ова според него е многу важно бидејќи од денот кога ќе се избере претседателот на парламентот според уставот од тој ден ќе почне да тече и 10-дневниот рок за претседателот на државата да го додели мандатот за формирање влада на тој кандидат кој има мнозинство во парламентот .
„Значи изборот на претседател на парламентот е многу важен момент бидејќи од една страна обезбедува конституирање на парламентот и функционалност на истиот. И парламентот без претседател не може да одлучува за формирање на владата. И од друга страна втор важен момент е бидејќи од тој ден јавно ќе се знае фактот кој обезбедил мнозинство во парламент“, додава Јетон Шасивари.
Но со спротивно мислење е министерката за правда Рената Дескоска Таа неодамна на својот фејсбук профил напиша дека мандатот на пратениците, согласно Уставот, тече од конститутивната седница. Не може пратениците да имаат мандат во неконституирано Собрание. Собранието е веќе конституирано на конститутивната седница, напиша Дескоска.