37 годишна пациентка е најмладата пациентка во Ковид центарот во Тетово. Таа живее во Италија а во Тетово дошла на одмор. Веќе 10 дена се лекува во болница и има тешка клиничка слика, извести за ТВ21 координаторот на Ковид центарот Тетово, Гзим Нуредини. Во овој ковид центар се лекуваат вкупно 12 пациенти, половина од нив се печалбари, а се во тешка состојба и во кислородна терапија.
„Што се однесува до возраста, имаме 37 годишна пациентка, а другите се над 65 години. Нормално ние три недели немавме воопшто пациенти, но последните 10-12 дена почна бројката да се зголемува, еден, три, пет и сега имаме 12 пациенти. Најлошото е што сега имаме и пациенти кои бараат помош во ковид амбулантата, вчера имавме 25 пациенти, нешто што покажува дека во иднина сигурно ќе имаме раст на бројот на пациенти“, истакна Гзим Нуредини.
Лекарот Гзим Нуредини, не предвидува добро сценарио што се однесува до ковид состојбата. Според него, граѓаните заборавиле дека корона вирусот е се уште меѓу нас, а вината ја гледа во олабавувањето на мерките и слабата заинтересираност за вакцинирање.
„Верувам дека голем број на пациентите и граѓаните заборавиле дека се уште се во пандемија и се уште треба да носат маски, треба да одржуваат растојание, да не се групираат. Но, еве за жал имаме толкава бројка и тоа сигурно е резултат на големиот број на население во лето, и имаме различни прослави, свадби, така да тоа ја отежнува ситуацијата“, посочува Гзим Нуредини.
Од Министерство за здравство, известуваат дека вкупно 75 пациенти се лекуваат во ковид центрите. Половина од пациентите последните денови патувале надвор од земјата, а тука се опфатени и тие кои се вратиле од одмор.
„Вкупно 75 пациенти позитивни на Ковид-19, се хоспитализирани. Половина од хоспитализираните пациенти патувале во странство во период од 7 до 10 дена пред појава на симптомите“, велат од Министерството.
Иако продолжува растот на позитивните случаи со Ковид-19, здравствените власти не зборуваат за воведување на рестриктивни мерки, ниту за граѓаните, ниту на граничните премини. Министерот Филипче ограничувања најави само за невакцинираните, почнувајќи од септември.
