Со почетокот на новата учебна 2026/2027 година, посебна радост имаше во подрачното училиште „Сандо Масев“ во струмичкото село Вељуса, каде што училишното ѕвонче денеска го означи почетокот на наставата за единствениот првоодделенец.
Првачињата низ целата општина Струмица денеска за првпат седнаа во училишните клупи, а на најмладиот ученик во Вељуса среќен почеток и успех во учењето му посака градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков.
Јанков порача дека обезбедувањето добри услови за образование и еднакви можности за секое дете треба да останат приоритет, без оглед на местото на живеење.
„Секоја промена носи емоции, особено кога станува збор за нашите деца. Најважно е тие да имаат добри услови за образование, да учат, да се развиваат и да имаат можност да бидат дел од средина во која ќе стекнуваат нови знаења и другарства. Како Општина, наша обврска е да обезбедиме поддршка и еднакви можности за секое дете, без разлика каде живее“, истакна Јанков.
Во меѓувреме, за учениците од шесто до деветто одделение кои досега ја следеа наставата во училиштето во Вељуса, обезбеден е организиран превоз до ООУ „Сандо Масев“ во Струмица.
Од Општината информираат дека наставниот кадар ќе го задржи својот работен ангажман согласно законските можности, додека локалната самоуправа најавува продолжување на активностите за подобрување на условите за учениците и наставниците.
По повод стартот на новата учебна година, Јанков упати честитка до учениците, наставниците и родителите, со порака дека Општина Струмица ќе продолжи да вложува во образованието и во иднината на младите.
„Ќе продолжиме да ги носиме потребните одлуки и да вложуваме таму каде што се најпотребни – во нашите деца и во нивната иднина“, порача градоначалникот.
