Никогаш нема да се предадеме. Оваа порака ја испрати адвокатот Тони Менкиноски до бугарските власти, откако вчера на граница добил црн печат во пасошот и забрана за влез во Бугарија во наредните 10 години. Во образложението на одлуката стоело дека тој претставувал закана за националната безбедност на Република Бугарија. Менкиноски ја нарече одлуката е скандалозна, смета дека е притисок и обид за замолчување поради неговата улога како правен застапник на Македонците во Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
„Ќе ги информирам најнапред Обединетите нации и сите постојани комисии за заштита на човековите права, Совет на Европа Комесарот за човекови права, ОБСЕ значи ќе доставам барање, како и македонската влада, македонското министерство за надворешни работи и Народниот правобранител. Бидејќи ова е многу сериозна работа, се работи за ограничување, не на мене како адвокат, туку на мене како Македонец“, изјави Менкиноски.
Прогласувањето на адвокат за закана за националната безбедност затоа што ги брани човековите права претставува опасен преседан за Европа- рече Менкиноски и е голем срам не само за Бугарија, туку и за ЕУ и НАТО. Посочи дека забраната доаѓа во момент кога пред Комитетот на министри на Советот на Европа повторно се разгледува прашањето за неспроведувањето на 14 пресуди поврзани со ОМО Илинден. Ова е начин да се изврши притисок врз мене и врз македонците во Бугарија за неисполнување на пресудите – рече тој.
„Ова нема да ме исплаши ниту мене, повторно ќе потенцирам, никогаш нема да се предадеме, никогаш“.
„Ова ја покажа вистинската слика на бугарскиот шовинистички мајндсет. Ова е одлука на владата, ова не е одлука значи на било некој спореден орган. За да донесете ваква одлука за забрана на влез, вие мора да имате информација до Министерството за внатрешни работи и од нивната разузнавачка агенција за да ја потврдите“, рече Менкиноски.
Менкиноски информираше дека последно без проблем ја преминал бугарската граница во декември, а од 2001 година до сега освен што некогаш му правеле личен претрес, немал други проблеми при влез во Бугарија. Претпоставува дека бугарската забрана важи и за сите земји во Шенген зоната бидејќи Бугарија треба да ги извести. Одговор за тоа очекува од Евроамбасадорот во земјава Михалис Рокас.
Реагираше и експертската јавност, но и премиерот Мицкоски. Кажа дека ако тоа се потврди како точно е уште еден срам за демократијата кај нашиот источен сосед.
„Јас би се чувствувал засрамено да сум човек кој седи на иста маса и треба да споделува исти вредности со политичарите кај источниот сосед. Тука мислам на земјите членки на Европската Унија кои треба да реагираат, ако ова е така“, изјави Мицкоски.
