Добиле порака во 16:16 за седница во 16:30 – Снопче Да се движевме со брзина на светлината немаше да стигнеме

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Не стивнуваат реакциите од пратениците на албанската опозиција откако во петокот беше закажана седница на Комисијата за образование доцна попладнето. Пратениците добиле порака во 16 часот и 16 минути дека седницата ќе се одржи во 16.30 часот но потоа била откажана и презакажана за денеска. Пратениците бараат објаснувања зошто сите процедури на Деловникот се прекршени.

„Се закажува седница на работното тело на Комисијата за образование и не се почитува рокот од 5 дена од закажувањето до одржување на седницата. Според член 126 став 4 не добивме логично објаснување само поради тоа што е итно. Каква итност имаше свикување на седницата на Комисијата и на пленарната седница“, вели Рина Ајдари.

Елми Азири пак побара седницата да се прекине бидејќи не ги исполнува сите услови за таа да се одржи.

„Мислам дека треба да се прекине оваа седница бидејќи не е исполнет ниту еден услов според Деловникот. Член 74 вели дека решението за свикување на седницата на Собранието по предлог на дневниот ред и материјалите по прашања што се предлага за дневниот ред на седницата на пратениците им се доставува најмалку 10 дена пред денот определен за одржување на седницата“, рече Азири.

Не можеме да се движиме со брзина на светлината, коментираше Халил Снопче.

„И да имаме капацитет да се движиме со брзината на светлината значи нема можност, нема поголема брзина од брзината на светлината. Значи не е јасно да го оставиме на страна овој Деловник, тоа е друго прашање, но видете овие закони треба да се разгледаат со редовна постапка“, рече Снопче.

На забелешките на пратениците реагираше потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски кој рече дека денешната седница е свикана со пократок рок бидејќи треба да се гласа за продолжување на кризната состојба.

„Колку што знам во петокот не се одржала седница на Комисијата за образование и затоа сметам дека тоа што не се одржала и не се случило, нема ниту основ да го дискутираме. 115 седница е свикана во пократок рок поради постоење на конкретна објективна и неодложна потреба Собранието навремено да одлучи по прашање што не трпи одлагање. Во предложениот дневен ред е содржан предлогот за изменување на одлуката за одобрување на продолжувањето на рокот за постоење на кризна состојба“, изјави Милошоски.

По ова беше дадена пауза во која координаторите се договорија да несе реагира по ова прашање на оваа седница за да се изгласа продолжување на кризната состојба. Пратениците со 88 гласа за гласаа за нејзино продолжување кое ќе важи од утре 21 јули до 20 октомври.