Иако во изминатиот период ВМРО-ДПМНЕ не се согласи да даде поддршка за уставните измени и со тоа Македонија да ги почне преговорите со Европската унија, сепак тие вината за тоа ја префрлаат на претходната влада на СДСМ и ДУИ. Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека претходната власт е таа која наместо да не доближи не дистанцира од членството во Европската унија.
„Откако го направија фамозното селфи во авионот од Брисел, Македонија е се подалеку од Европската Унија, а истата уште толку не оддалечи од нејзините врати поради лошите политики на СДС-ДУИ.Криминалната коалиција на СДС-ДУИ, наместо како што ветуваа почеток на преговори со Европската Унија, не дистанцираа од неа. Граѓаните препознаа дека зад памфлетите се кријат манипулации за да можат да крадат“, вели Миле Лефков.
Но екс министерката и пратеничка од редовите на СДСМ Јована Тренчевска 24 Анализа, рече дека од доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт нема никаков оптимизам за државата на полето на евроинтегративните процеси. Да не беше блокадата од ВМРО-ДПМНЕ изминатиот период ние сега ќе ги отпочневме преговорите со првото поглавје, рече Тренчевска.
„Во изминатите 110 дена не видовме никаков оптимизам за државата, освен песимизам и за овие 110 дена од новата Влада толку сме назад што и Брисел не отпиша, не тргнаа од патот кон ЕУ заедно да го одиме со Албанија така што таа оптимистичка најава од премиерот не очекувам дека ќе донесе оптимизам навистина на патот кон Европската унија“, порача Јована Тренчевска.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети честитајќи им го почетокот на преговорите на Албанија, во соопштението за јавност напиша дека мора да се направи се што е потребно за Македонија да продолжи по европскиот пат.
„Мора истотака да го нагласам очајот што Северна Македонија денеска не е до Албанија поради блокирањето на нашето европско патување како резултат на неспроведувањето на преговарачката рамка одобрена од Советот на Европската Унија и Северна Македонија. Мораме да дадеме се од себе за да ја обезбедиме и запечатиме европската иднина на нашите граѓани, демонстрирајќи лидерство и решителност“, вели Али Ахмети.
По одвојувањето на Македонија од пакетот, Албанија со одржувањето на меѓувладината конференцијата со Европската унија ги отвори поглавјата за преговори за членство во Унијата.
