Прашан за најавата на неговиот заменик во Владата, Изет Меџити, кој на партиски настан рече дека во текот на годината во администрацијата ќе се вработат од 2 до 3 илјади Албанци, премиерот Христијан Мицкоски децидно изјави:
Според Мицкоски, и да има вработувања, тоа ќе бидат компетентни луѓе, а не луѓе вработени според етничка припадност.
Пред неколку дена, првиот вицепремиер Меџити, како што цитираат од партијата, на партиски настан ветил дека за една година Владата ќе отвори повеќе работни места отколку што беа отворени во претходните два мандата од другите албански политички субјекти, при што рече дека ќе се вработат 2-3 илјади во администрација. Но кога го прашавме за ова, рече дека зборувал за трансформација на решенијата.
„Континуирано има потреба од нови работни места, зборував за трансформација на решенијата во здравството кои се чекаат со години, 10 години со договори на дело, има одлука на Владата за трансформација на решенијата и тоа се 1500 вработувања, истото ќе продолжи и во другите сектори“, вели Изет Меџити.
Опозициската СДСМ продолжува со обвинувањата. Портпаролката Богданка Кузеска вели дека владејачките партии склучиле политички договори да ја наполнат администрацијата со свои луѓе.
За ветувањето на Меџити за вработувањата, реагираше и министерот за јавна администрација Минчев, кој го замоли “да не се однесува како Алиса во земјата на чудата“ и да ветува нешто што е невозможно да се направи без да се прекршат законските процедури. Меџити со противодговор побара од Минчев да ја напушти реториката на Димитар Апасиев и да се однесува како министер на сите граѓани.
И покрај ова, Премиерот смета дека релациите меѓу владините партнери се одлични.
