Доделени признанијата за најдобар пожарникар, полицаец и крводарител на Град Скопје за 2025 година

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски ги додели признанијата за најдобар пожарникар, полицаец и крводарител на Град Скопје за 2025 година.

„Овие признанија им припаѓаат на исклучителни и докажани луѓе во своите професии, посветени, одговорни и хумани личности, избрани од своите колеги.

Нивната работа и пожртвуваност се вистинска мисија во служба на граѓаните и градот.

Тие се пример дека храброста, чесноста и човечноста секогаш го наоѓаат својот пат.

За најдобар пожарникар за 2025 година е прогласен Игор Станишев, командир на одделение во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.

Човек кој учествувал во гаснење на бројни пожари и интервенции за заштита и намалување на материјалните штети, а пред сè човек чија храброст и пожртвуваност резултирале со спасување на голем број човечки животи.

Признанието за најдобар полицаец за 2025 година му припадна на Кристијан Стефановски од ПС Карпош.

Предложен од СВР Скопје – ЕПСОНРС, Кристијан е препознаен поради својата исклучителна посветеност, професионализам и значаен придонес во остварувањето на бројни работни активности и постигнувањето конкретни резултати во полициската работа.

За најдобар крводарител е прогласена Виолета Гиноска, предложена од Црвениот крст.

Таа е симбол на тивка, но моќна хуманост, жена чија безрезервна желба да помогне и да спаси нечии животи претставува вистински пример за алтруизам и човекољубие.

Со повеќе од 45 дарувања на крв, на свои 54 години, таа заслужено се вбројува меѓу најпосветените и најистакнати крводарители.

Од срце им благодарам на овие херои.

Тие се доказ дека вистинските вредности живеат меѓу нас и дека секој чин на храброст, пожртвуваност и хуманост го прави Скопје посилно и похумано место за живеење“, напиша Ѓорѓиевски на „Фејсбук“.

Нека нивниот пример биде поттик и инспирација за сите нас, да бидеме подобри луѓе и да градиме град заснован на солидарност, одговорност и меѓусебна почит.