Договор од 20,9 милиони евра со ЕБОР: Пет нови локомотиви за транспорт на стоки со железница

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Во Владата беше потпишан кредитен договор меѓу Железници на Македонија – Транспорт и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), во износ од 20,9 милиони евра. Кредитот ќе се искористи за набавка на електрични локомотиви со резервни делови, со цел зголемување на транспортот на стоки и приходите на претпријатието.

„Овој финансиски поттик ќе ѝ помогне на Северна Македонија да набави пет нови електрични локомотиви, како и да воведе систем за планирање на ресурси во претпријатијата. Овие подобрувања значат многу повеќе од технички напредоци – тоа се стратешки инвестиции дизајнирани за да ја подобрат ефикасноста, квалитетот и безбедноста на транспортот на стоки со железница, да се намали емисијата на CO₂ и да се игра клучна улога во поддршката на зелената транзиција во земјата“, изјави Фатих Туркменоглу, раководител на канцеларијата на ЕБРД.

Како што информираше премиерот Христјан Мицкоски, ова ќе значи побезбеден, побрз и поефикасен железнички транспорт.

„Денес зборуваме за нешто што со децении беше занемарувано, но е суштинско за економијата, извозот и европската иднина на Северна Македонија – железницата. Состојбата што ја наследивме беше катастрофална. До неодамна, Железниците на Македонија – Транспорт немаа ниту една целосно функционална локомотива; повеќе од 20 композиции беа запрени во Гевгелија, без можност стоката да се транспортира на пазарот во Европа“, реќе Мицкоски.

Министерот за транспорт, Александар Николовски, за време на денешното потпишување на договорот со ЕБОР, најави целосна трансформација на железничкиот транспорт.

„Флотата од пет нови и четирите што ги имаме, мислам дека ќе имаме вкупно девет локомотиви кои ќе служат за транспорт на стоки, а дел од нив ќе се користат и за транспорт на патници. Ова има голема важност, особено за Коридорот 10, кој треба да се развива во наредните години, и за Коридорот 8, кој го развиваме во овој момент со инвестиции во инфраструктурата“, вели Николоски.

Проектот се оценува како важен чекор кон модернизација на транспортот на стоки со железница, со зголемена безбедност и ефикасност, додека условите на кредитот се во согласност со стратегијата за одговорно управување со јавниот долг, вели министерката за финансии Димитриеска-Кочоска. Директорот на Железници-Транспорт, Дејан Кошутиќ, додава дека проектот подразбира регионални врски во системот на транспорт.