Состојбата со горивата е стабилна, договорено е со Окта попуст од 3 денари по литар гориво и нема потреба за забрани и ограничувања соседите да точат гориво кај нас. Ова е ставот на премиерот Христијан Мицкоски кој вели дека будно се следи состојбата со конфликтот на Блискиот исток, но засега освен намалување на ДДВ-то за горивата од 18 на 10 проценти нема потреба од други интервенции. Премиерот очекува ако цената на нафтата на светските берзи до петок продолжи да се намалува како вчера и денес, па Регулаторна во понеделник да ја намали цената на горивата.
-Ние покажуваме дека оваа Влада се грижи за граѓаните директно од буџетот. А не со трикови, ќе ги качиме акцизите дупло па потоа ќе ги намалиме за 20-30 проценти. Тоа е разликата меѓу одговорна влада која што се грижи за граѓаните и за стандардот на граѓаните и влади кои што прават привид. Ние сме една од ретките, можеби две три влади има други во Европа кои што на ваков начин интервенираат. Но се разбира имаме и други алатки, и друг план имаме за следни чекори доколку ескалира кризата, вели претседателот на Влада, Христијан Мицкоски.
Иако конзумот за точење на горива кај нас е зголемен за 10 проценти, поради напливот од соседните земји, премиерот не гледа потреба да се интервенира со ограничувања и забрани. Вели нафтоводот е во целосна функција, складовите се полни, имаме нафтени резерви за 60 дена. Подмирени се и потребите за струја, но, сепак според премиерот Мицкоски се размислува за повлекување мазут од државните резерви.
И министерката за енергетика Сања Божиновска со став цените на горивата се стабилни. Со дополнителниот попуст од Окта и намалувањето на ДДВ-то за горивата спречиле ценовен шок на пазарот.
–ОКТА дополнително го зголеми попустот за дизел од 2 на 3 денари по литар, односно воведе дополнителен попуст од 1 денар, со продолжување на мерката до 6 април. Ова е конкретен резултат на партнерскиот пристап и континуираната координација со цел директни придобивки за граѓаните и стопанството, вели министерката за енергетика и рударство, Сања Божиновска
Очекувањата се цената на дизелот кај нас да падне за дополнителен 1 денар, а трговците со нафта да го вкалкулираат овој договор и на бензинските пумпи. Не се знае кога Регулаторната комисија ќе донесе нова одлука за цените на горивата откако вчера го смени правилникот. Сега наместо само во понеделник ќе може да носи одлуки секогаш кога ќе има драстични промени на цената на нафтата на светските берзи. За сега по големиот скок, пак цените на светските берзи паднаа и се стабилизираа на околу 100 долари за барел.
