Преговорите за подделбата на ресорите меѓу ВМРО и ВРЕДИ се уште траат, а ТВ21 веќе неофицијално дознава дел од договорот меѓу коалициите.
Претседателот на ДД, Изет Меџити, се очекува да управува со Министерството за животна средина, а претседателот на АА, Арбен Таравари со Министерството за здравство. ВРЕДИ ќе управува и со ресорот за економија, за што се спекулира дека на чело на оваа министерство ќе биде Бесар Дурмиши. ВРЕДИ исто така ќе раководи и со Министерството за евроинтеграции, за Добро владеење и Труд и социјална политика, но засега ништо не е конечно.
Пратеникот на ВРЕДИ Ријад Шаќири, потврди дека ќе раководат со Министерството за добро владеење и Здравство.
„Со самиот факт што земавме како обврска да управуваме со Министерството за добро владеење во некоја форма, значи борба против корупцијата и организираниот криминал. Како главен постулат го имаме економски развој и подобри услови за секој граѓанин“, изјави Шаќири.
-Се зборува дека ќе управувате и со Министерството за здравство, дали Таравари ќе раководи со овој ресор?
„За имиња се уште не се разговарало, но доколку дојде како предлог да биде г. Таравари министер, тој претходно беше министер и докажа дека на извонреден начин раководел со тоа министерство“, рече Шаќири.
Дел од Владата се очекува да биде и партијата ЗНАМ. Претседателот на оваа партија, Максим Димитриевски рече дека за него најважно е реализирањето програмата која ја ветиле отколку министерските функции.
Инаку во сабота се очекува да се изгласа новата Влада.
