Заканите за бомби продолжија и денеска. Овој пат пријави за бомби имаше на Меѓународниот аеродром Скопје, во ФФМ, Спортската сала Борис Трајковски, Арената Тодор Проески, хотелите Александар Палас и Мериот, во Ист Гејт Мол и неколку училишта. Инаку, во хотелот Александар Палас во 10 часот, премиерот Димитар Ковачевски требаше да учествува на прес конференција, но ја откажа. По дојавите за бомби, компанијата која менаџира со аеродромот во Скопје, ТАВ, соопшти дека летовите за денеска не се откажани, туку се во прекин додека МВР ги изврши потребните контроли. Од ТАВ велат дека летовите ќе се одвиваат според распоредот, по завршување на полициските контроли.
„Меѓународниот Аеродром Скопје на мејл, утрово доби закана за поставена експлозивна направа. Информацијата веднаш беше пријавена во МВР и во исто време целиот персонал и патници и/или минувачи кои се најдоа на Аеродромот се евакуирани и се добро“, велат од ТАВ.
Важно е да реагираме брзо во вакви случаи и тоа го правиме, рече првиот човек на МВР, Оливер Спасовски. Тој уверува дека наскоро ќе се открие кој стои зад емаил пораките со заканувачка содржина.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи вели дека веќе се известени структурите на НАТО за постојаните дојави за експлозивни направи во Северна Македонија. Вели дека станува збор за хибридни закани што се случуваат и во регионот.
„Ова се случува во регионот. Црна Гора одлучи да има онлајн настава поради секојдневните дојави за бомби во Црна Гора, истото се случува во Хрватска и тоа ми дава сигнал дека регионален пристап е дека ова е хибриден напад врз регионот, што беше причина да се алармира НАТО. Вчера комунициравме со НАТО структурите, за да се види каков хибриден пристап врз регионот може да се случи, каде може да биде причината“, порача Бујар Османи.
Сите закани за бомби, и тие изминативе денови и тие денешните, се докажа дека се лажни. Поминаа два месеца со постојани аларми за поставени експлозивни напади, меѓутоа МВР се уште нема откриено кој испраќа вакви пораки.
