Од денеска почна да функционира новиот протокол за безбедноста во училиштата во случај на дојава на бомба, откако за тоа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски информираше во петокот. Тој денеска рече дека во иднина МВР ќе го проценува ризикот од дојавата, полицијата ќе биде присутна во близина на училиштата, постапувањата ќе бидат според фактичката состојба, а наставата ќе се одвива непрекинато. Дојавите на бомбите, Спасовски вели дека доаѓаат од Русија и Иран.
„Според форензиката која што се прави во Министерството за внатрешни работи дојавите одат преку ВПН адреси, меѓутоа почесто се појавуваат од Иран и од Русија и важно е да се истакне дека тие ВПН конекции се платени преку криптовалути што дополнително ја отежнува можноста да се утврди точниот извршител на ова кривично дело“, вели Оливер Спасовски.
Во јавноста повеќе нема да се објавуваат заканите за бомби како досега, туку ќе се прави проценка за степенот на опасност, за кое веќе денеска нема информации дали некаде има дојава за бомба. Спасовски рече дека една од целта на ваквите дојави на бомби е да се создава немир и чувство на несигурност во државата.
„Доколку имаме било каква реална закана за тоа ќе се информира и ќе се известува. Сето друго кое што, имаме нереални закани, имаме закани со низок степен на веројатност ќе се пренесуваат информации до степен до кој што треба да бидат пренесувани, заради тоа што основата на тероризмот е токму сензационалноста. Ако ја сузбиете сензационалноста го намалувате и нивото на овие закани“, вели Оливер Спасовски.
Со новите протоколи ќе бидат опфатени и градинките, бидејќи случаи на закани имало и во претшколските установи.
„Веќе се испратени дописи до сите градинки како да се постапува и како да се заштитат од било какви дојави. Тоа е направено заедно со Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд во делот на градинките како да ги заштитиме и во случај да има дојави како безбедно да излезат од градинките“, вели Јована Тренчевска.
И денеска од опозициската ВМРО-ДПМНЕ со критики кон министерот дека не е направено ништо за да се постигне безбедноста во училиштата и другите објекти.
„Поминаа и повеќе од три месеци откако Оливер Спасовски изјави дека набрзо ќе заврши истрагата за дојавите за бомби и граѓаните ќе бидат известени, но не само што не е завршена истрагата, туку и дојавите се засилија, а МВР не може да ги спречи. Наместо да реагираат веднаш, дури сега по 5 месеци се сетија дека треба допрва да прават план“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Заканите за поставени бомби почна од октомври минатата година, а до денеска беа опфатени над 520 објекти со лажни дојави. Покрај овие, МВР откри и три случаи на заканувачи со бомби по училишта од лица кои што се од земјава и за нив се поднесени кривични пријави.
