Побара изземање на обвинителот Сашо Рајчев поради тоа што во неговиот портал „Доказ –М“ објавил информации и текстови кои му ги дал токму овој обвинителот. Со овие тврдења почна денешното рочиште во Апелација, за сопственикот на порталот Доказ-М, Марјан Стаменковски, против кого се води овој судски процес. Стаменковски рече дека Рајчев му доставил информации за да објави во неговиот портал, а за дел од тие текстови, Стаменковски се гони кривично.
„Барам да се изземе почитуваниот обвинител Сашо Рајчев поради повеќе судири на интереси. Според мои сигурни информации, ОЈО мислам дека ќе излезе и со подетални информации, можеби и со обвинителен акт, лицето Рајчев ми има испраќано информации, кои се дел од предметите за кои ме судите, но и за предметите за кои Претседателот на Јавното вишо обвинителство, Мустафа Хајрулахи, побарал извинување од мене, но и за други прашања“, вели Марјан Стаменковски.
Тврдењата на Стаменковски ги отфрли обвинителот Рајчев. Вели дека ваквите тврдења се целосно невистинити, притоа изјави дека ниту го познава Стаменковски, ниту некогаш читал на порталот Доказ М.
Барањето на Стаменковски според обвинителот Рајчев претставува начин за одолговлекување на постапката и да се направи сензација, исто како што се правеше сензација со објавените текстови кои се предмет на оваа постапка. Рајчев исто така рече дека против Стаменковски ќе покрене и кривична пријава за клевета.
Шефот на Вишото обвинителство, Мустафа Хајрулахи е надлежен да одлучи дали ќе го изземе Рајчев од овој премет или не. Бидејќи Стаменковски го спомна и Хајрулаху, донесена е одлука главниот јавен обвинител на Македонија да одлучува за изземањето на Рајчев. Во април годинава сопственикот на порталот „Доказ-М“, Марјан Стаменковски, е осуден на затворска казна од три години и еден месец, забрана за вршење работа поврзана со кривичното дело во наредните 10 години и парична казна од 5.000 евра. Тој беше прогласен за виновен за кривични дела како што се уцена, ширење ксенофобија и расистички материјал и злоупотреба на лични податоци.
