Долг стар 30 години ја притиска МЖ – Транспорт: Според ЦИОС долгот е над 25 милиони евра со камати, МЖ Транспорт: Се гледаме на суд

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Компанијата за присилна наплата „ЦИОС – група“ тврди дека „Македонски железници – Транспорт“ имаат долг кој од 3,85 милиони евра пораснал на повеќе од 25 милиони евра заклучно со крајот на 2023. Побарувањето, велат од ЦИОС, е гарантирано со државна гаранција врз основа на договорите во рамки на Меѓународната железничка унија од 2004 година. „ЦИОС“ за долгот бара вонсудско порамнување.

„Основниот долг, во износ од околу 3,85 милиони евра, до крајот на 2023 година порасна на повеќе од 25 милиони евра со камати. Секоја година се додаваат околу 2 милиони евра нови камати, едноставно затоа што нема порамнување. Веќе 15 години, CIOS Група бара дијалог и преговори за решавање на спорот, но институциите не покажаа ниту интерес, ниту иницијатива да се спречи ова непотребно зголемување“, велат од ЦИОС – Група.

Од Македонски железници – Транспорт, од кого се бараат парите пак се без официјален коментар.

„Од македонската компанија неофицијално велат дека долгот не е направен во време на актуелното раководство и дека за предметот од 2023 година во Основниот суд во Скопје се води судска постапка. Се додека нема правна разврска при која треба да има и вештачење на побарувањето, нема да има ниту коментари“, пренесува репортерот на ТВ21, Горан Теменугов.

Инаку, според доставените документи, до овој кумулиран повеќемилионски долг дошло бидејќи во периодот од 1991 до 1995 година Хрватски железници – КАРГО имале ненаплатено побарување од Македонски железници во висина од 3,85 милиони евра.

Овој долг, според ЦИОС Групата е меѓународно признат со Договорот со Меѓународната железничка унија, склучен во јуни 2004 година со кој Република Македонија ги презела обврските на „Македонски железници“. Поради ова, државата истата година има издадено државна гаранција со Закон за гаранција кој е објавен во службен весник.

Бидејќи Хрватски железници не го наплатиле долгот, во 2010 година на меѓународен тендер „ЦИОС – Група“ го откупува со што тие стануваат доверител, односно МЖ – Транспорт сега ним им должи. За ова македонската компанија била информирана во 2011 година. Во време на откупување на долгот, тој освен главнината од скоро четири милион и евра веќе има камата од нешто над осум милиони евра или вкупно 12 милиони. Бидејќи се казнената камата се пресметува едномесечен ЕУРИБОР зголемена за 5 насто, со сложена каматна пресметка, долгот сега е над 25 милиони евра.

„ЦИОС – група“ повикува на договор за да се прекине натамошниот раст на каматата од околу 2 милиони евра годишно според нивните пресметки.