Пратеничката Јована Тренчевска во емисијата Бизнис21 на ТВ21 изјави дека најновите податоци за инфлацијата покажуваат континуиран раст на цените, особено кај основните прехранбени производи.
Таа посочи дека според последниот инфлаторен монитор изработен од Парламентарниот институт, цените во март бележат значително зголемување. Како што наведе, инфлацијата кај месото достигнала 12,8 проценти, кај овошјето исто толку, додека кај млекото, сирењето и јајцата изнесува 8,1 процент. Раст е регистриран и кај лебот и житата (3,7%), маслата и мастите (6,9%), безалкохолните пијалоци (14,6%), како и шеќерот и кондиторските производи (10,2%).
Според Тренчевска, овие бројки јасно укажуваат дека ценовната спирала за која предупредувале претходно веќе е реалност, а Владата, како што оцени, не презема доволно мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните.
Таа ги критикуваше и тврдењата дека намалувањето на трговските маржи го ублажило притисокот врз граѓаните, оценувајќи дека „власта живее во друг свет“, додека граѓаните секојдневно се соочуваат со поскапувања и намалена куповна моќ.
Во пресрет на Велигден, Тренчевска истакна дека граѓаните се оставени без поддршка, нагласувајќи дека цените на основните производи за празничната трпеза значително пораснале. Како пример ги наведе јагнешкото месо кое достигнало околу 700 денари за килограм, маслото над 100 денари, како и јајцата кои, според неа, достигнале цена од над 300 денари за табла.
Таа оцени дека со минимална плата од 26.000 денари, голем дел од граѓаните тешко ќе можат да си дозволат традиционална празнична трпеза.
Тренчевска додаде дека Владата во изминатиот период донела ограничен број мерки, меѓу кои намалување на ДДВ за горивата од 18 на 10 проценти и намалување на акцизите за четири денари, но според неа, тие не се доволни за справување со ценовниот шок.
