Чекаат долго, за да платат пари!
Дури и за пат со дупки.
Сирени и турканици кој прв да стигне на ред!
Дури и амбулантно возило на итна интервенција остана заглавено среде автопатот полн со автомобили.
Повеќе од еден километар и три коловозни ленти се блокирани во шпицот на сообраќајот на автопатот од Скопје кон Куманово, поради тоа што на патарината во Миладиновци се изведуваат работи.
„Работите на патарината кај Миладиновци предизвикаа револт кај граѓаните, кои чекаат долги редици за да ја платат патарината, бидејќи не функционираат сите пет ленти, туку само три, а од надлежните нема информации за пренасочување на сообраќајот, особено во утринскиот и попладневниот шпиц кога сите се враќаат од работа“, известува новинарот на ТВ21, Аднан Каили.
Од Јавното претпријатие „Државни патишта“ соопштија дека започнале со реализација на проект за доградба и проширување на патарината во Миладиновци, кој според нив ќе ја модернизира наплатата на патарини на јазолот каде се поврзуваат Коридорот 10 и Коридорот 8.
„Со овој проект ќе се воведе електронска наплата на патарина на патарината кај Миладиновци, преку користење на SMART картички и уредот за електронско плаќање M-TAG, што ќе овозможи побрз проток на возила, поголема ефикасност и зголемена удобност за корисниците на автопатот. Со цел намалување на времето на чекање и овозможување побрз сообраќај, ги повикуваме учесниците во сообраќајот да се пренасочат кон патарината во Петровец, каде функционира електронска наплата и се овозможува побрзо и поефикасно поминување“, велат од ЈП „Државни патишта“.
Проектот е дел од Договорот за изградба и инсталација на патарините на Коридорот 8 и автопатот Миладиновци–Штип, склучен со конзорциумот АСЕЛСАН – Жикол. Досега, согласно договорот и по принцип „клуч на рака“, целосно се проектирани и реализирани патарините во Преод, Кадрифаково, Глумово и Желино, финансирани преку заем од Европската банка за обнова и развој, соопштуваат од Јавното претпријатие за државни патишта.
