Донесена одлука за иднината на Џака во репрезентацијата на Швајцарија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Гранит Џака ќе се врати во фудбалската репрезентација на Швајцарија за ноемвриските натпревари, соопшти во вторникот Швајцарската фудбалска федерација. Заедно со Џака, во репрезентацијата ќе се врати и Брел Емболо, кој исто така ги пропушти првите четири натпревари од петтото издание на Лигата на нациите. Двајцата отсуствуваа поради околности поврзани со КОВИД-19.

На почетокот на месецов, Јавното обвинителство во Луцерн му изрече условна парична казна на Џака за фалсификување потврда за КОВИД-19. 34-годишниот фудбалер доби условна парична казна во вкупен износ од 150.000 швајцарски франци. Тој ќе мора да ја плати само доколку направи прекршок во следните две години.

Откако весникот „Блик“ на 18 септември објави дека против Џака е покрената кривична постапка, фудбалерот три дена подоцна призна дека во 2022 година купил фалсификувана потврда за КОВИД-19. Како резултат на тоа, швајцарската репрезентација го одржа првиот собир по Светското првенство без својот капитен. Швајцарија ги доби сите четири натпревари од првите кола на петтото издание на Лигата на нациите.

„Овој случај го разгледавме од различни аспекти. Специфичните околности на двата случаи, завршените правни постапки и спортските последици што веќе настанаа — сето тоа беше земено предвид при донесувањето на одлуката. Убедени сме дека враќањето во националниот тим во ноември е одговорна и исправна одлука“, изјави директорот на репрезентацијата, Пјерлуиџи Тами, за веб-страницата на Швајцарската фудбалска федерација.

Џака ќе ја задржи капитенската лента на швајцарската репрезентација, потврди Федерацијата.

За враќањето на Џака и Емболо се огласи и селекторот Мурат Јакин. „Среќен сум што повторно ќе можам да ги избирам играчите за ноемвриските натпревари без ограничувања“, изјави Јакин.

Селекторот во четврток, на 5 ноември, ќе го објави списокот на фудбалери за последните два натпревара во Лигата на нациите, против Словенија и Шкотска.