Шпанската полиција уапси доскорашен началник на полицијата откако во ѕидовите на неговиот дом беа пронајдени 20 милиони евра како дел од истрагата за најголемата заплена на кокаин во историјата на земјата.
До неодамна, Оскар Санчез Гил беше шеф на одделот за измама и перење пари на шпанската национална полиција во Мадрид. Полицајците го уапсиле со уште 15 лица, меѓу кои и неговата девојка, која исто така е полицајка, потврди полициски извор, без да ја именува.
Полицијата при претресот пронашла 20 милиони евра скриени во ѕидовите на куќа во Алкала де Хенарес, град со околу 195.000 жители сместен на 30 километри источно од шпанската престолнина. Во неговиот кабинет нашле дополнителни милион евра. Тие пари биле скриени во два заклучени плакари.
Санчез Гил и неговата девојка се обвинети за трговија со дрога, перење пари, корупција и учество во криминална организација. Тие беа изведени пред судот во Мадрид и им беше одреден притвор. Шпанските медиуми наведуваат дека апсењата се поврзани со минатомесечното запленување на 13 тони кокаин, кои пристигнале во пристаништето Алгесирас од Еквадор, скриени меѓу гајби со банани.
ФОТО: Архива
