Пред зградата на ССМ, на Меѓународниот ден на трудот, синдикатите протестираа барајќи повисоки плати. На дел од транспарентите што ги држеа пишуваше „Доста! Работиме за геврек и вода“ и „Бараме плата еднаква на вашата“, мислејќи секако на функционерите.
Дел од работниците кои учествуваа на маршот, пред камерата на ТВ21 ги кажаа барањата. Велат дека бараат зголемување на платите за 78 отсто, процент за кој скокнаа платите на функционерите, откако Уставниот суд укина член од законот за пресметка на плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов изјави дека платите на работниците се толку мали што некои немаат доволно средства ниту до работа да отидат. Затоа бараат враќање на ставката за трошоци за храна и превоз. Побара и минималната плата да биде во висина од 450 евра, бидејќи толку била во земјите од регионот.
Претседателот на Независниот полициски синдикат Гоце Делчев Тодев рече дека доколку не се исполнат нивните барања, повторно ќе излезат на протести.
Пораките беа упатени кон новата влада, кој и да ја формира, а нивните барања очекуваат да бидат исполнети во првите 100 дена по формирањето на новиот владин кабинет.
