„Доста веќе со партал автобуси, ќе убиеме патници“ – автобусот кој излета кај Мавровка, возел и кон Средно Водно

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Ми е жал за патниците, но вакво нешто не може. Доста веќе… доста веќе со партал возила да убиваме патници што не се виновни…“.

Се уште под силен стрес и притисок, возачот на автобусот на ЈСП број 2 Февзи Арифи не можеше да ги совлада емотивните реакции по вчерашниот инцидент кога излета од булеварот и се качи на жардињерата кај трговскиот центар Мавровка. Како искусен возач кој долги години ја вози оваа линија, вели дека состојбата со автобусите е крајно лоша, а токму пред новиот директот на ЈСП Драги Кушевски посведочи што точно се случи вчера. Рече дека жали многу за патниците кои се повредени и кои доживеаја стрес.

Арифи: „Јас го приметив, меѓутоа јас го земав возилото како…“

Кушевски: Дали возилото е сервисирано?

„А, тоа не знам, потпишано е, директоре, многу пати јас со мојата рака ќе напишам дефект, ќе пријавам дефект, утреден го земаме со истиот дефект потпишано дека е сервисирано, исправно е за линија, меѓутоа ништо не е пипнато. Пред да ми се случи јас слушнав дека пукна во воланот нешто и ме повлече, јас да се качам таму, ова прв пат ми се случува.“, рече Арифи.

Директорот Кушевски инаку назначен пред само две недели, кој самиот дојде на оваа прес конференција организирана од синдикатите, побара да не се даваат паушални изјави и дека за целиот настан ќе се спроведе истрага што точно се случило.

„Јас само сакам да нема паушални изјави без претходно да дозволиме институциите да ги дадат извештаите да видиме која е причината за која што настанала случката и да не ги користиме вработените за други цели. Јас не сум стручен, даден е налог на службите да работат да видат која е причината. МВР има излезено и направено увид, тие се најнадлежни да кажат дали возилото било неисправно или е некоја друга причина за случката.“, рече Кушевски.

Од синдикалните организации велат дека состојбата со автобусите на ЈСП е катастрофална, а за целокупната состојба во ЈСП ја обвинуваат градоначалничката Данела Арсовска. Безбедноста на патниците веќе е загрозена велат тие и додаваат дека истиот автобус со број 1145 претходно возел кон Средно Водно, но среќа што тогаш не се случил инцидентот, бидејќи последиците би биле страотни.

„Јас ќе потенцирам дека директен виновник е градоначалничката на Град Скопје госпоѓата Данела Арсовска. Не може со нејзиното однесување, ароганција кон вработените, ароганција кон синдикатите, гледате што се случува, сите се виновни во градот нон стоп се менуваат директори на јавните претпријатија, само таа да се исправна. Таа мора да се повлече од градот Скопје бидејќи очигледно не може да ги води сообраќајните и јавните претпријатија што се во град Скопје.“, вели Марјан Ристевски.

„Сите возачи што го возеле возилото претходните денови реагирале, од страв се плашат да се именуваат, реагирале за возилото дека има недостаток, тежок волан, пумпа за волан и ред други работи, ни ви гаражата влегло возилото, возачот заминува му го даваат на другиот возач, на наредниот по него.“, изјави Елизабета Тошевска, претседател на синдикалната организација СПАЈС.

По вчерашниот инцидент на автобусот пред Мавровка испливаа и многу проблеми што се таложат во оваа јавно претпријатие. Покрај неисправни возила, нема и нафта за автобусите, па често пати се случува автобусот да застане поради немање гориво. Градоначалничката Арсовска веќе четврти пат го менува директорот на Јавното сообраќајно претпријатие, но состојбите не се подобруваат.