Струмичките пожарникари утринава успешно спасија мајка и дете кои паднале во провалија покрај трим-патеката што води кон манастирот „Св. Илија“.
Како што информираат од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Струмица, дојавата за несреќата била примена околу 5:15 часот, по што веднаш на терен бил испратен тим од пожарникари-спасители.
Со употреба на специјализирана спасувачка опрема, екипите успеале безбедно да ги извлечат двете лица од непристапниот терен. По спасувањето, мајката и детето биле предадени на екипа на Итната медицинска помош, која ги прегледала и ги згрижила.
Од ТППЕ Струмица истакнуваат дека интервенцијата завршила успешно благодарение на брзата, професионална и координирана реакција на спасувачките служби.
Воедно, од противпожарната единица апелираат до граѓаните да бидат особено внимателни при движење по трим и планинските патеки, особено во раните утрински и ноќните часови, кога ризикот од несреќи на стрмни и непристапни делови од теренот е поголем.
