Авион на „Рајанер“ што леташе од Берлин до Милано мораше итно да слета на аеродромот Меминген откако наиде на силни турбуленции за време на летот над Баварија, каде што беснееше бура.
Седум патници се повредени, а двајца се однесени во болница.
Патниците го опишаа стравот што го доживеале.
„Никогаш порано не сум почувствувал таков страв – во тој момент помислив дека авионот ќе се распадне!“, изјавил еден од патниците за германскиот „Билд“.
Фотографиите од кабината покажуваат оштетени кровни панели и преплашени патници. Некои патници не носеле безбедносни појаси во моментот на турбуленцијата, а наводно и екипажот не дал добри инструкции.
Итните служби веднаш реагираа на аеродромот. Иако никој не беше во животна опасност, еден патник претрпе сериозни повреди на главата. „Рајанер“ сè уште официјално не го коментираше инцидентот, а патниците се пренасочени кон други летови.
