Драматична ноќ во два дела од државата со пожарите – најтешката ноќ ова лето, меѓу хероите е трактористот Аце

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Го запали тракторот и ја презема работата во свои раце. Еден од хероите на денот во битката со пожарите во нашата држава е младиот тракторист Александар Чепиговски од село Ивањевци. Со неговиот голем трактор, низ линијата на пожарот направи т.н обрач со кој спречи негово ширење или поточно речено да не стигне до куќите.

Јавно признание на Александар му оддаде директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.

„Особено сакам да истакнам еден локален жител, храбар тракторист, од село Ивањевци, Аце. Голема благодарност до Аце, бидејќи со неговиот огромен трактор навистина направи херојско дело орајќи директно низ пожарната линија и гасејќи голем дел од пожарната линија која што загрозуваше еден дел од селото Лознина“, порача Стојанче Ангелов.

Пожарот кој беснееше во Општина Могила, пелагониски регион и се закануваше на селата во близина беше еден од најкритичните ова лето. По целовечерна борба, овој пожар е локализиран. Во неговото гаснење учествуваа пожарникари од Битола, доброволци од Тимот за брз одговор на ДЗС Битола, како и локалното население.

Освен овој пожар, драматично било и кај селото Богомила, Општина Чашка каде што исто така беснеел голем пожар. И таму, пожарникарите и локалното население, ја добиле битката со огнената стихија.

„Во текот на вчерашниот ден драматично беше во два дела од државата. Најпрво ќе го спомнам селото Богомила, Општина Чашка, каде што огнот дојде до првите куќи. Благодарение на брзата и храбрата реакција пред се на локалното население, беше спречена катастрофа, но бргу пристигнаа и пожарникарите од Велес кои што дадоа голем придонес за, најпрво локализирање, ставање под контрола и гасење на овој тежок пожар“, вели Стојанче Ангелов.

Поради високите температури во целата држава е прогласен Висок ризик од пожари, освен на повисоките места како што е Шар Планина. На сила е и забраната за движење низ шуми која трае од 1 јули до 31 август, а казните се движат до 2000 евра.