Драматично во Кабул, очајни обиди за бегство – македонските државјани се евакуираат преку сојузниците на НАТО

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Стотици луѓе се обидуваат да се качат на воениот авион на САД кој ги евакуираше американците и нивните војници од Кабул. Нивниот очај е толку голем што дел од нив сакаа да се качат преку отворите каде се наоѓаат тркалата.

Талибанците ја преземаа целосната контрола во сите градови, но и државни институции. Оние кои што биле против талибанскиот режим и во изминатите 20 години се надеваа на демократија, сега очајно се обидуваат да избегаат од државата.

Во Авганистан има и македонски државјани кои работеле во странски фирми. Министерот за надворешни работи вели дека веќе 25 лица се евакуирани, кои преку Кабул одлетале за Доха. Но, работата не е завршена, до попладнево, се бараше начин да се евакуираат уште 50-тина наши сограѓани.

Се огласи и Владата, која вели дека се во постојана комуникација со компаниите во кои се вработени македонските граѓани.

Што се однесува до привременото прифаќање граѓани од Авганистан, во овој момент се работи на координација и утврдување детали за преземање шест жени и деца, вработени или членови на семејства на вработени од Мисијата на Обединетите Нации во Авганистан, како и околу 180 граѓани, жени, деца, вработени или членови на семејства од хуманитарни организации, организации за човекови права, новинарски и друг тип здруженија кои во изминатите 20 години работеа на одржувањето на мирот во Авганистан.

„Владата работи на обезбедување сместувачки капацитети во мотели, одморалишта и хотели, за што трошоците ќе бидат обезбедени од страна на меѓународните организации, како и од Соединетите Американски Држави. Сместувањето и преземањето на локалното население ќе биде со ограничен временски период, се до обезбедување нивни трансфер до САД или до трети земји, што ќе биде утврдено во координација со нашите стратешки партнери и со меѓународните организации“, велат од Владата.

Освен, Северна Македонија, подготвеност за помош на Авганистанците кои сакаат да заминат, понудија 70 држави, меѓу нив Албанија, Црна Гора, Словенија, Шведска, Велика Британија, Финска, Хрватска, Австрија, Канада, Шпанија, Украина, Италија…