Царинските службеници на граничниот премин Богородица спречија обид за големо криумчарење цигари, при што беа запленети 5.000 штеки цигари без акцизни маркички, со проценета вредност од околу девет милиони денари.
Акцијата била спроведена при детална контрола на товарно моторно возило пријавено за транзит од Грција кон Србија. Според царинската документација, камионот превезувал градежен материјал – камена волна. Сепак, при темелниот преглед, царинските службеници откриле дека над палетите со пријавената стока биле сокриени 100 необележани кутии, во кои имало по 50 штеки цигари.
Станува збор за вкупно 5.000 штеки цигари без акцизни маркички, кои не биле пријавени во придружната документација и биле сокриени со цел нелегално да бидат пренесени преку државната граница.
Возачот на камионот, српски државјанин, веднаш бил лишен од слобода, а против него е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Гевгелија поради основано сомнение за сторено кривично дело „криумчарење“.
Од Царинската управа истакнуваат дека оваа заплена е уште една потврда за засилените контроли на граничните премини и континуираните активности за спречување на нелегалната трговија со акцизна стока. Оттаму нагласуваат дека остануваат посветени на борбата против организираниот прекуграничен криминал и заштитата на државниот буџет од незаконски активности.
