Цените на суровата нафта денеска повторно забележаа пад, при што достигнаа најниско ниво во изминатата седмица. Пазарите позитивно реагираа на најавите за можно намалување на тензиите на Блискиот Исток, а дополнителен притисок врз цените создаде и зголемената понуда на глобалниот пазар, покажуваат податоците на Trading Economics.
Суровата нафта брент од Северното Море се тргуваше по цена од околу 88 долари за барел, додека американската лесна сурова нафта WTI падна на приближно 82 долари за барел. Оптимизмот кај инвеститорите беше поттикнат од изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој рече дека САД водат „добри разговори“ со Иран и дека постои можност за постигнување договор.
Трамп, сепак, предупреди дека американските воени операции би можеле повторно да продолжат доколку дипломатските напори не дадат резултат. Во петокот Соединетите Американски Држави ги запреа нападите врз Иран по речиси две недели судири, а Техеран соопшти дека ја прекинал својата воена одмазда и започнал разговори со Оман за безбедноста на пловидбата низ Ормускиот Теснец, еден од најважните светски коридори за транспорт на нафта.
Дополнително влијание врз намалувањето на цените имаше и обновувањето на товарењето сурова нафта на терминалот на Конзорциумот за касписки гасовод (CPC) на рускиот брег на Црното Море. Станува збор за клучна извозна рута за казахстанската нафта, чија работа неодамна беше нарушена поради напади со украински беспилотни летала.
Во меѓувреме, јеменските бунтовници Хути соопштија дека извеле напади врз објекти поврзани со саудиската нафтена компанија „Арамко“ во Џизан и Јанбу. Засега, ниту властите на Саудиска Арабија, ниту компанијата не ги потврдија овие информации.
