Дрога пронајдена во полициско возило – МВР: Возилото е запленето во 2016, вработените немаат врска со дрогата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Припадници на Министерството за внатрешни работи со возило запленето во 2016 година кое било користено од МВР, се упатија кон Црна Гора на обука. Но, на граничниот премин меѓу Албанија и Црна Гора, по детална контрола на возилото, е пронајдена одредена количина марихуана, сокриена во бункер под седиштата. Од МВР велат дека нивните вработени немаат никаква врска со дрогата. 

„Вработените во МВР немаат никаква врска со дрогата, туку таа била сокриена во автомобилот, односно останала од 2016-та година кога ова возило било запленето во акција на Царинската управа, а потоа дадено на Агенцијата, од каде пак е отстапено на МВР. Вработените во МВР немаат никаква поврзаност со дрогата и тоа го потврди и албанското Јавно обвинителство и тие се веќе вратени во Скопје“, велат од МВР.

ТВ21 побара став и од Обвинителството дали ќе го разгледаат случајот, од каде ни одговорија дека ќе ги преземат сите неопходни мерки за расветлување на случајот.

„Во врска со кривично правниот настан за кој покажувате интерес е оформен предмет во кој ќе постапува надлежен јавен обвинител од Одделението за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кој ќе ги преземе сите неопходни мерки за расветлување на случајот“, истакнуваат од Јавно обвинителство.

Поради овој, но и другите случаи кои неодамна излегоа во јавноста, опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски побара оставка од власта.

Дрогата е откриена и конфискувана на албанско- црногорскиот граничен премин „Сукобин“, а тоа го потврдија и тамошните царински службеници.