Државата имала право да ги поништи аболициите на Иванов, пресуди Европскиот суд за човекови права

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Европскиот суд за човекови права во Стразбур донесе одлука во предметот „Талески и други против Северна Македонија“, оценувајќи дека државата имала право да ги поништи помилувањата што во 2016 година ги додели тогашниот претседател Ѓорге Иванов на лица опфатени со истрагите на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО).

Судот едногласно утврдил дека немало повреда на правото на фер судење поради законските измени со кои беше овозможено поништување на аболициите и продолжување на кривичните постапки против лицата опфатени со нив.

Во образложението се наведува дека јавниот интерес, односно потребата јавните функционери да одговараат за своите постапки и да не бидат ставени над законот, имал поголема тежина од принципот на правна сигурност.

Според Судот, помилувањата биле донесени во исклучителни околности, без валидна правна основа и во услови на сериозна политичка криза. Поради тоа, законодавната интервенција со која тие биле поништени била оправдана и во функција на враќање на владеењето на правото.

Предметот произлегува од жалбите на поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и Коста Митровски, поранешен претседател на Општинската изборна комисија во Центар.

Иако Судот не утврдил повреда во делот што се однесува на поништувањето на аболициите, донел одлука дека на Јанакиески и Митровски им било повредено правото на фер судење во текот на жалбената постапка. Поради тоа, на државата ѝ е наложено да им исплати по 3.600 евра отштета.

Во одлуката се наведува дека Врховниот суд не успеал да ги отстрани недостатоците кои настанале во жалбената постапка, со што било нарушено правото на контрадикторна постапка на двајцата апликанти.

За Владимир Талески, пак, Судот не утврдил прекршување на правото на фер судење.

Случајот се однесува на контроверзните аболиции што Иванов ги потпиша на 12 април 2016 година, кога со повеќе од 100 решенија беа опфатени 56 лица поврзани со истрагите на СЈО. Одлуката тогаш предизвика силни реакции во земјата и меѓународната јавност, по што под притисок Иванов подоцна ги повлече помилувањата.

Со најновата пресуда, Европскиот суд за човекови права оцени дека поништувањето на аболициите било легитимен чекор насочен кон заштита на владеењето на правото и обезбедување одговорност за јавните функционери.